
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари телефонски разговор со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан.
Во разговорот, Муцунски изрази силна солидарност и целосна поддршка кон Емиратите, притоа упатувајќи искрено сочувство до семејствата на жртвите од неодамнешните напади.
Тој остро ги осуди нападите извршени од Иран, оценувајќи дека претставуваат сериозно прекршување на принципите на меѓународното право, особено во делот на почитувањето на суверенитетот и територијалниот интегритет на државите.
Муцунски потенцираше дека во услови на зголемени тензии во регионот, неопходни се воздржаност, одговорност и засилен дипломатски ангажман, со цел да се спречи натамошна ескалација и да се зачуваат мирот и стабилноста.
Тој истакна дека Република Северна Македонија останува посветена на поддршка на меѓународните напори за мирно решавање на конфликтите и почитување на меѓународниот поредок.























