Министерот за здравство, Азир Алиу, најави дека до понеделник ќе биде финализирана листата со странски експерти кои ќе ја анализираат работата на приватните болници и ќе оценуваат дали се вршеле непотребни операции врз пациенти.
„Еден експерт ќе дојде од Словенија, друг од Италија, а за третиот се разгледуваат кандидати од Австрија и Германија“, изјави Алиу за ТВ 24.
Според него, вклучувањето на меѓународни стручњаци треба да гарантира објективност и точна проценка на состојбата во приватниот здравствен сектор.
Паралелно, Министерството за здравство подготвува методологија за анализа на интервенциите и на приватните и на јавните болници. До 15 септември приватните установи ќе мора да достават целосен список на извршени операции.
Овие мерки следуваат по изјавата на професор д-р Сашко Кедев дека во некои приватни болници се правеле операции исклучиво за профит, без медицинска потреба.