Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, оствари средба со пратеникот Тилман Кубан од германскиот Бундестаг, придружуван од директорот на Фондацијата Конрад Аденауер во Скопје, Даниел Браун.
На средбата беше изразено особено задоволство за реализацијата на посетата, како и за континуираниот интерес и поддршка на Сојузна Република Германија за напредокот на Северна Македонија. Претседателот Гаши ја нагласи важната улога на Германија во поддршката на нашите стратешки цели – членството во НАТО и евроинтегративниот процес. Во таа насока, беше поздравено и назначувањето на Мануел Сарацин како специјален пратеник за Западен Балкан, што претставува дополнителна потврда за посветеноста на Германија кон регионот. Беше истакнато значењето на Берлинскиот процес, инициран од канцеларката Меркел и како и позитивните резултати што ги носи во регионални рамки. Претседателот Гаши се заблагодари за Резолуцијата на Бундестагот од 2023 година, со која се потврдува поддршката за членството на Северна Македонија во ЕУ и се афирмира македонскиот идентитет, култура и јазик.
Пратеникот Кубан, кој е воедно назначен и за портпарол за европски прашања во Бундестагот, упати срдечни поздрави до Претседателот од германскиот министер за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Јохан Вадерпул, на чија иницијатива се реализира посетата, со цел да се демонстрира јасната волја на актуелната германска влада за придвижување на процесот на проширување. Потенцираше дека потребна е нова визија за проширувањето и за забрзување на европскиот пат на нашата земја. Во тој контекст, наведе дека е од особено значење да се отвори Кластерот Фундаменти и да се постигне реален напредок во областите како реформа на јавната администрација, судството, борбата против организираниот криминал и корупција и дека во однос на донесувањето на потребното законодавство, важно е да има претходен процес на широка консултација со релевантни општествени чинители.
Соговорниците беа согласни дека одличните билатерални односи меѓу двата парламента ќе продолжат да се унапредуваат во периодот што следи, како на ниво на претседатели и пратеници, така и преку успешната размена на искуства на експертско ниво во рамките на проектот за независно собраниско обезбедување и други области од заемен интерес. Беше оддадено признание на успешното делување на фондациијата Конрад Аденауер во Скопје и нивниот придонес во рамки на демократските процеси во изминатите децении.