Првиот вицепремиер Изет Меџити, во интервју за емисијата „10 Минути“ на ТВ21, изјави дека Владата веќе затворила околу 200 нелегални онлајн-казина и дека новиот закон за игри на среќа е еден од најстрогите досега, со цел воспоставување строг надзор и ограничување на оваа индустрија.
„Да беше само ВЛЕН, ние ќе бевме за целосно затворање,“ рече Меџити, потенцирајќи дека законот е резултат на компромис со другите партнери во владејачката коалиција, но сепак содржи силни мерки за ограничување.
Според него, со новиот закон, на државно ниво ќе бидат дозволени само три казина, две во Гевгелија и едно во хотелот со пет ѕвезди „Мериот“ во Скопје. Сите други казина, автомат клубови и обложувалници со апарати ќе се соочат со строги мерки.
„Веднаш со почетокот на новата влада, укинати се три лиценци издадени од претходната влада за отворање нови казина. Сега имаме нов закон. Од 7.000 апарати, 4.000 веднаш се исклучуваат од функција. Ограничени се на само 3.000 апарати повеќе од преполовување,“ рече Меџити.
Тој нагласи дека за првпат се воведуваат високи даноци за секоја индивидуална лиценца и за секој поединечен апарат. „Не може една лиценца да се користи за отворање 30 други објекти како што беше порано. Сега секој објект, секој апарат, плаќа одделно и скапо,“ додаде тој.
Клучен елемент на новиот закон е и забраната за поставување апарати за игри на среќа во радиус од 500 метри од училишта и образовни установи. „Ако една обложувалница има само еден апарат, мора да се премести најмалку 500 метри подалеку од училиштата и местата каде што се задржуваат деца.“
Дополнително, се забранува и рекламирањето на казина и обложувалници. „Кога влегуваш во Тетово, ти изгледа како да влегуваш во Лас Вегас. Тоа завршува. Со новиот закон се забрануваат сите реклами,“ рече меѓу другото Меџити.
Новиот закон е усвоен од Владата и се очекува да биде изгласан и во Собранието, со што ќе се постават нови стандарди за една од најконтроверзните индустрии во државата.