
Собранието на Северна Македонија полека, но сигурно го освојува дигиталниот свет. Од неодамна, на официјалната веб-страница на законодавниот дом се поставени иновативни алатки кои им овозможуваат на граѓаните директен контакт со законодавните процеси, дури и без да мораат физички да дојдат во Парламентот.
Една од најинтересните новини е новата алатка базирана на вештачка интелигенција (ВИ). Граѓаните можат да внесат линкови од Јутјуб каналот на Собранието и преку чатбот да добијат информации за пленарни седници, комисии или други законодавни активности. „Засега е тест-фаза, но ќе ни покаже колку ваквата алатка може да биде корисна за граѓаните“, објаснува заменик-генералниот секретар Бобан Стојаноски.
Паралелно, на страницата е достапна и „Канцеларија за контакт со граѓаните“ – алатка преку која може да се закаже средба со пратениците, без разлика дали ќе биде во нивната канцеларија или на друга локација. Според податоците, досега се реализирани околу 600 средби, иако не сите пратеници го користат овој канал.
И за лицата со попреченост, веб-страницата станува подостапна: Помошникот за пристапност овозможува приспособување на содржините, како на пример зголемување на фондот на буквите или полесна навигација. Со тоа, Собранието го следи европскиот стандард EN 301 549 и WCAG 2.1, потврдувајќи дека дигитализацијата не е само техничка инвестиција, туку израз на транспарентност и граѓанска вклученост.
На главната страница посетителите ќе најдат дневна агенда, линкови до пленарни седници, работни тела, материјали и пратенички прашања, како и активности на Претседателот на Собранието. Постојат и линкови за структурата на Собранието, пратениците, е-Парламент, Транспарентно Собрание и ЕУ, а страницата се ажурира во реално време за да ги следи дневните промени.
Следната година се планира целосна дигитализација на архивата на Собранието од 1986 година до денес. „Ќе овозможи граѓаните, медиумите и истражувачите полесен пристап до законодавната историја“, нагласува Стојаноски.
Дигиталната трансформација не е само проект за веб-страницата. Во рамки на Стратегијата за дигитална трансформација (2026–2028), се предвидуваат интелигентни алатки за автоматска обработка на аудио и видео материјали, автоматски превод, управување со документи и зајакнување на сајбер безбедноста. Пратениците и вработените веќе добиваат обуки за вештачка интелигенција и сајбер безбедност, а институцијата се подготвува и за сертификација според ISO 27001.
Студентите од ФИНКИ исто така се вклучуваат преку волонтерски програми и хакатони. Победничката апликација од еден таков хакатон овозможува граѓаните да истражуваат пленарни седници преку ВИ и да добиваат одговори на било кое прашање поврзано со нив.
Пратениците, пак, го поздравуваат дигиталниот напредок, но со одредена резерва. Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ вели дека целосната дигитализација дава предност во споредба со регионот, а вештачката интелигенција го подобрува квалитетот на политичките дискусии. Моника Зајкова од ЛДП, пак, ја користи ВИ за споредба на легислатива, но секогаш проверува и други извори за да избегне грешки.
Дигитализацијата во Собранието се развива во неколку столба: модернизација на процесите, подобрување на аудио-видео инфраструктурата, зголемување на ИКТ безбедноста, надградба на инфраструктурата и проширување на дигиталниот пристап. Целта е една: правење на законодавниот дом подостапен, поотворен и поверодостоен пред граѓаните.



























