УТРО.мк

Собранието ја констатираше оставката на Димитровска: Се товари за оддавање службена тајна

Собранието ја констатираше оставката на Димитровска: Се товари за оддавање службена тајна
Vero

Собранието на Република Северна Македонија денес официјално ја констатираше оставката на претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, која се соочува со кривичен прогон за оддавање службена тајна.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, на почетокот на седницата информираше дека Димитровска го известила парламентот за својата оставка и изразила намера да ја образложи, но тоа не се случи. Според Гаши, согласно член 121 став 2 од Деловникот, ѝ престанува функцијата претседател на ДКСК.

По констатирањето на оставката, се очекува Комисијата за прашања на изборите и именувањата да распише јавен оглас за избор на нов член на антикорупциската комисија во рок од десет дена. Димитровска поднесе оставка откако партијата Левица иницираше постапка за нејзино разрешување.

На 18 јули, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинителен предлог против Димитровска. Таа се сомничи дека во текот на 2024 година ѝ дала пристап до класифицирани информации на неповикано лице – обвинето во случајот „Адитив“. Дополнително, ѝ се става на товар и незаконско стекнување со сертификат за пристап до класифицирани информации.

Со ова завршува мандатот на Димитровска како прва личност на антикорупциската комисија, која последниве месеци беше во центарот на јавноста поради сериозните сомнежи за злоупотреба на функцијата и кршење на Законот за класифицирани информации.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран