
Сите државни патишта во земјава во моментов се отворени и безбедни за сообраќај, информираат надлежните институции. И покрај зимските услови, сообраќајот се одвива непречено благодарение на постојаното присуство на терен на екипите задолжени за одржување на патната инфраструктура.
Јавното претпријатие за одржување на патиштата располага со целосна механизација и работна сила, кои во континуитет работат на расчистување на снегот и одржување на коловозите. Активностите се реализираат координирано со ЈП Македонија Пат и Министерството за транспорт, со цел навремено реагирање и обезбедување безбедни услови за сите учесници во сообраќајот.
Од надлежните апелираат возачите да покажат зголемена внимателност, да управуваат совесно со возилата и строго да ја почитуваат сообраќајната сигнализација. Посебен акцент се става на задолжителната употреба на зимска опрема и прилагодување на брзината согласно актуелните услови на патиштата.
Истовремено, возачите се советуваат редовно да се информираат преку официјалните информативни центри за состојбата на патните правци, со цел навремено планирање и безбедно патување.
Инаку, отежнати услови за возење се бележат поради намалена видливост и појава на магла на повеќе локации низ земјата. Во околината на Смојмирово, Буково и Делчево видливоста е намалена до 50 метри, кај Ѓавато до 80 метри, во Струмица до 100 метри, во Тетово до 40 метри, додека кај Петровец изнесува околу 150 метри.
Потсетување и за законската обврска која е на сила од 15 ноември 2025 година – сите возила мора да поседуваат зимска опрема, без разлика на временските услови. Оваа обврска ќе важи до 15 март 2026 година, а нејзиното непочитување може да резултира со санкции.



























