
Нов бран на интернет измами ги таргетира македонските корисници на социјалните мрежи, ветувајќи им „кутии со електронски уреди“ по симболична цена.
На профили кои се претставуваат како официјални дистрибутери, се тврди дека популарниот бренд „Тему“ започнал програма за распределба на неземени или заборавени пакети во магацинските простории.
Според објавата која содржи манипулирани фотографии од магацини преполни со техника, од граѓаните се бара да пополнат кратка форма и да платат само „симболична цена за достава“. Се тврди дека испораката се врши низ целата територија на државата во рок од 1 до 3 дена.
Како да се заштитите?
Експертите за кибер-безбедност предупредуваат дека ваквите објави се класичен „фишинг“ (phishing) обид за кражба на податоци од платежните картички. Главните знаци за препознавање на измамата се:
- Ветување на скапи уреди за нереално ниска цена.
- Линкови за учество кои се наоѓаат во коментарите, а не на официјални веб-страници.
- Ограничен рок на траење на „програмата“ за да се создаде паника кај корисниците.























