УТРО.мк

Сали и Берсе ја потврдија соработката меѓу Македонија и Советот на Европа

Сали и Берсе ја потврдија соработката меѓу Македонија и Советот на Европа
Vero

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, денес се сретна со генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, во разговор кој се фокусираше на напредокот на земјата во европските реформи и натамошното зајакнување на соработката со оваа меѓународна организација.

На средбата беше констатирано дека односите меѓу Македонија и Советот на Европа остануваат стабилни и развиени, особено во областите што се од клучно значење за европската интеграција: владеењето на правото, демократските стандарди и заштитата на човековите слободи и права.

Сали посебно го поздрави завршувањето на пост-мониторинг дијалогот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, што беше заокружено во јануари 2026 година. Тој го оцени овој чекор како важно меѓународно признание за реформските процеси во државата и за напредокот во усогласувањето со европските критериуми.

Во фокусот на разговорите беше и поддршката што Советот на Европа ја дава во процесот на приближување кон Европската Унија, особено преку поглавјата 23 и 24, кои се однесуваат на правосудството, основните права, безбедноста и слободата.

Министерот изрази благодарност за придонесот на Советот на Европа при оценувањето на Акцискиот план за правата на припадниците на заедниците, како и за усогласувањето со Патоказот за владеење на правото, документи кои се дел од клучните обврски во рамките на Кластерот „Темелни вредности“.

Дополнително, беше нагласена улогата на експертските тела на Советот на Европа, меѓу кои Венецијанската комисија, ГРЕКО, MONEYVAL, CEPEJ и Комитетот за спречување тортура (CPT), кои, според соговорниците, имаат суштинско значење во унапредувањето на судската независност, борбата против корупцијата и заштитата на човековите права.

Сали на крајот потенцираше дека Владата останува целосно посветена на реформската агенда и на продолжување на евроинтеграцискиот пат, во континуирана координација со европските институции и меѓународните партнери.

MegaWin
MegaWin
Green Machines

Сподели го овој напис

MegaWin
MegaWin
Филигран