
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека не може да се оспори правото на референдум што го бара СДСМ во врска со отворањето на рудникот за антимон во Крива Паланка, нагласувајќи дека тоа е уставно загарантирано право на граѓаните. Во изјава дадена како одговор на новинарско прашање, тој се осврна на реакциите од опозицијата, од каде најавија иницијатива за локален референдум и барање за исполнување строги услови пред евентуално отворање на рудникот.
Мицкоски посочи дека она што го изненадува е фактот што градоначалникот на Крива Паланка, кој доаѓа од редовите на СДСМ, има став спротивен на позицијата на раководството на партијата. Како што изјави, тој лично комуницирал со градоначалникот и добил јасна порака дека локалната власт го поддржува проектот, за разлика од централниот став на СДСМ.
Премиерот нагласи дека проектот за рудникот е дел од пошироко стратешко партнерство со САД и дека дел од финансирањето доаѓа од таму. Според него, проектот ќе се реализира само доколку се исполнат сите пропишани услови, при што, како што рече, лично гарантира за тоа, а гаранции даваат и инвеститорите.























