
Граѓаните со внимание ја очекуваат утрешната одлука на Регулаторната комисија за енергетика, од која треба да стане јасно дали конечно ќе има олеснување на цените на горивата. Според најавите, можно е намалување на бензините, додека цената на дизелот би можела да остане иста или минимално да порасне.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува бензините да поевтинат за околу два денари, додека дизелот да остане на исто ниво или да поскапи за околу половина денар. Тој посочи дека намалувањето на ДДВ од страна на Министерството за финансии веќе има директен позитивен ефект врз цените, но додаде дека состојбата постојано се следи и дека засега нема потреба од рестрикции или забрани, бидејќи има доволни количини гориво.
Во меѓувреме, потрошувачката во пограничните делови на земјата е зголемена за околу 200 илјади литри дневно, што дополнително влијае врз пазарот.
Од почетокот на конфликтот во февруари, цените на горивата се зголемени за околу 23 проценти. Дел од трошоците сè уште не се целосно пренесени на потрошувачите, па бензинските пумпи го користат падот на берзите за да ги надоместат претходните загуби.
Според последните податоци на Регулаторната комисија, моменталните цени се: еуросупер 95 – 86,5 денари за литар, еуросупер 98 – 88,5 денари, еуродизел – 95,5 денари, екстра лесно масло – 92 денари за литар, а мазутот изнесува 51,073 денари за килограм.
Опозицијата остро ги критикува владините мерки, оценувајќи ги како задоцнети и нецелосни. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, посочи дека Македонија е единствена земја во регионот каде се воведуваат мерки, а цените продолжуваат да растат. Тој предупреди дека поскапувањето веќе се прелева и врз храната, каде основните производи се зголемени за 10 до 30 проценти.
Мицкоски возврати дека дел од економските негативни трендови, како малиот пад на индустриското производство, се резултат на протестите на транспортерите, но очекува стабилизација во наредниот период. Според него, во други сектори како туризмот и градежништвото има раст.
Експертите предупредуваат дека, и покрај моменталниот пад на цената на нафтата, вистинско намалување на цените на бензинските пумпи може да се почувствува дури во април, кога ќе се потрошат скапите резерви и пазарот ќе реагира на евентуална стабилизација на Блискиот Исток.
Во регионот, земјите веќе применуваат различни мерки. Србија има неделно ограничување на цените, каде дизелот достигнува околу 112 денари, а бензинот околу 99 денари. Во Босна и Херцеговина маржите се ограничени, но контролата е слаба, па цените значително варираат.
Словенија воведе ограничување на количината гориво што може да се купи – до 50 литри дневно за граѓаните и до 200 литри за компании и земјоделци, поради зголемен притисок од странски возачи. Хрватска, пак, донесе мерки за замрзнување на цените на струјата и гасот до септември 2026 година.
Во Црна Гора цените исто така растат – еуросупер 95 достигна 1,52 евра за литар, што е пораст од 9,4 проценти во однос на минатиот месец и 12,6 проценти споредено со пред три месеци, додека дизелот чини околу 1,57 евра за литар.






















