
Пожарот што избувна во областа на Сува Гора, во општина Јегуновце, се гасне од воздух поради непристапниот терен кој оневозможува ефикасна интервенција на копнените екипи.
Во гаснењето на пожарот се ангажирани три авиони на Дирекцијата за заштита и спасување, кои дејствуваат во погоденото подрачје со цел да го стават огнот под контрола и да спречат негово понатамошно ширење.
На терен се директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, и командантот на Територијалната противпожарна единица од Тетово, Авни Амети. Тие ја следат состојбата и ја координираат интервенцијата на сите ангажирани служби.
Од ЦУК информираат дека конфигурацијата и непристапноста на теренот во моментов не дозволуваат директна копнена интервенција, поради што главниот фокус е ставен на воздушното гаснење.
Противпожарните служби и останатите екипи продолжуваат со активностите, додека состојбата на теренот постојано се следи.
Надлежните остануваат ангажирани сè до целосно стабилизирање на состојбата и ставање на пожарот под контрола.

















