
Според Центарот за управување со кризи, состојбата на поголемиот дел од територијата на Северна Македонија е стабилна и без нарушувања, соопштуваат надлежните. Во Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Крива Паланка, Ранковце и Кратово нема излевање на реки, а општинските служби ја следат состојбата.
Скопје, Струмица, Велес, Кавадарци, Неготино, Свети Николе и Штип – нема пријавени поплави или одрони.
Меѓутоа, во Охрид се пријавени поплавени подруми, гаражи и дворови на повеќе локации, а Општина Охрид и Кризниот штаб постапуваат по пријавите. Во Кичево, поплавени се стамбени објекти на ул. „Прилепска“, а на терен се екипи на Општина Кичево, ДЗС, Црвен крст и ЈКП „Комуналец“ за евакуација на загрозените жители.
Во Струга е пријавен одрон на патот с. Татеши – с. Мислодежда, а ЈП „Македонија пат“ ги презема мерките за санација. Во Тетово и Гостивар има одрони и излевања на реките Вардар, Лукавичка и Сушичка, со поплави на земјоделско земјиште и дворови. Во Боговиње, поради излевање надвор од каналите, е поплавено обработливо земјиште.
Во Битола и Ресен е саниран одрон кај с. Сирхан, а во с. Дрмени се поплавени два двора. Врнежите продолжуваат, а надлежните институции континуирано ги следат водостоите на реките и состојбата на теренот.



























