
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага против неколку лица за сериозни кривични дела, вклучувајќи злоупотреба на службена положба и примање поткуп. Кривичната пријава е поднесена од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, а опфаќа полицајци, наставник и пожарникар од Скопје.
М.С., кој работи како полицаец во Одделението за безбедност на патниот сообраќај, иако во моментот на настанот бил распоредена во Одделението за управни работи, е осомничен дека злоупотребувал службена положба и примал поткуп. Полицаецот П.П., вработен во Единицата за интервентна полиција, исто така е пријавен за примање награда за противзаконито влијание и поткуп. Во истата афера се вмешани и В.Р., наставник во средно училиште, и А.С., пожарникар во Град Скопје, кои наводно посредувале во скандалозната шема.
Според обвинението, групата од февруари до април 2024 година ја организирала и спроведувала нелегална постапка за издавање лични документи – лични карти, пасоши и возачки дозволи – за да остварат противправна имотна корист. Наставникот и пожарникарот наоѓале граѓани кои имале потреба од документи и ги доставувале нивните податоци и фотографии на П.П., кој потоа го мотивирал М.С. да ги обработи барањата, користејќи ги своите официјални овластувања.
Сите чекори биле внимателно испланирани: паричниот надомест, временската рамка и улогите биле точно утврдени, создавајќи паралелен „брз пат“ за добивање документи – надвор од официјалната процедура. Со тоа, граѓаните кои платиле, наводно, добивале предност пред останатите, додека принципот на еднаков пристап до јавните услуги бил грубо нарушен.























