Министерството за здравство формира комисија која од утре започнува со проверка на медицинските досиеја на осум пациенти, за кои постојат сомневања дека биле оперирани во приватни болници без медицинска оправданост, исклучиво за профит.
Наводите доаѓаат по јавното обвинување на кардиологот Сашко Кедев, кој алармираше дека во приватниот здравствен систем се изведуваат операции на срце без реална потреба. Сомнителните случаи биле доставени од лекари од државна болница, а покрај комисијата на Министерството, стручен надзор ќе спроведе и Лекарската комора.
„Комисијата ќе ги обработи сите детално, со цел да се утврди вистината врз основа на медицински факти. Утре ќе се состане и овие досиеја ќе бидат првите случаи по кои ќе постапува,“ изјави министерот за здравство Азир Алиу.
Паралелно, во работата ќе биде вклучена и меѓународна експертска комисија со специјалисти од Словенија, Италија и Австрија, кои ќе го подготват финалниот извештај.
Додека траат проверките, државната кардиохирургија се соочува со сериозен недостиг од анестезиолози. Директорот на Клиниката, д-р Дејан Димитровски, потврди дека голем дел од кадарот заминал во приватните болници или во странство.
Министерот Алиу најави дека Македонија ќе бара ад хок помош од Словенија, со можност словенечки анестезиолози привремено да работат во земјава од три до шест месеци. „Тоа ќе значи и размена на знаења и технологии меѓу двете земји, а во вакви критични ситуации како во кардиохирургијата, проблемот може да се надмине привремено,“ нагласи тој.
Податоците на Фондот за здравствено осигурување покажуваат дека во изминатиот период значително повеќе кардиохируршки интервенции се изведувале во приватните болници отколку на државната клиника.