
Почина Самка Ибраимовски, претседател на Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР), поранешен пратеник и министер без ресор во Владата на Република Македонија.
Веста за неговата смрт ја објави „Рома Прес“, од каде што со емотивна порака се простија од Ибраимовски, кој со децении беше активен во политичкиот и општествениот живот во Македонија, особено во борбата за правата и поголема застапеност на ромската заедница.
Ибраимовски е роден на 27 септември 1954 година во Тетово. Дипломирал на Факултетот за менаџмент во Нови Сад, а во текот на својата политичка кариера извршувал повеќе јавни функции.
Од 2004 до 2006 година бил заменик-министер за труд и социјална политика, а во периодот од 2011 до 2014 година бил пратеник во Собранието. Во 2017 година станал министер без ресор во Владата предводена од Зоран Заев, функција од која поднел оставка во декември истата година.
Како претседател на ПЦЕР, неговиот политички ангажман бил поврзан со застапувањето на правата и подобрувањето на положбата на ромската заедница.
Пред влегувањето во политиката, Ибраимовски бил директор на тетовската фабрика „Униус промет“. Во младоста бил тапанар во музичката група „Инекси“ од Тетово. Неговиот брат е пејачот Ибуш Ибраимовски.
Изразуваме искрено сочувство до семејството и најблиските на Самка Ибраимовски.























