
Трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ секојдневно се разоткрива пред очите на јавноста, како комплексен мозаик од технички хаос и човечко страдање, каде секое ново рочиште дополнително ја зацврстува тезата дека вистинските причини за смртта на 63 млади лица лежат во непосредната небрежност и реконструкциите превземани своеволно од страна на сопствениците на дискотеката.
Вчерашното рочиште од судскиот процес понуди морничави сведоштва на пожарникарите и на преживеаните, кои прецизно ја исцртаа сликата на еден објект свесно претворен во стапица, преку радикални реновирања извршени само една година пред кобниот настан, што директно ја урива теоријата на Обвинителството за системски пропусти во далечното минато.
Преживеаните млади луѓе, меѓу кои и Бранислав Веселинов и Сара Велинова, пред судот посведочија за она што веќе станува непобитен факт во оваа постапка – дека „внатрешноста на дискотеката била реновирана во последната година“, при што плафонот бил спуштен значително пониско и обложен со специфичен материјал – сунѓер. Оваа „естетска“ измена го довела лесно запаливиот аудио-изолационен материјал во непосредна близина на пиротехничките средства кои редовно се користеле како пракса за забава.
Кога огнените прскалки биле активирани, пламенот, поради нискиот таван, веднаш го зафатил сунѓерот, предизвикувајќи пожар со „екстремна брзина, буквално за неколку секунди“. Додека пламените јазици го голтале нискиот таван, во внатрешноста настанало хаотично стампедо во кое никој од персоналот или обезбедувањето не давал насоки за евакуација.























