
Министерот за здравство Азир Алиу соопшти дека е прифатено одложување на примената на новиот закон за пушење на отворени тераси, со цел угостителските објекти да добијат време за прилагодување на законските барања.
Одлуката се однесува на терасите кои треба да бидат отворени од три страни, а според министерот, дел од постојните решенија во моментов не ги исполнуваат овие услови и ќе биде потребен дополнителен период за инфраструктурни измени.
– Процесот на забелешки за законот е завршен, а во текот на подготовката имаше консултации со стручната јавност, бизнис-секторот и други засегнати страни. Дел од забелешките беа прифатени, но имаше и такви што не беа – изјави Алиу на прес-конференција во Владата.
Во однос на електронските цигари, министерот најави заострување на правилата. Тие ќе бидат целосно забранети за употреба во затворени простории, исто како и традиционалните цигари.
Дополнително, ќе се ограничи и нивната продажба, при што ќе бидат забранети вкусовите што се сметаат за привлечни за младите.
– Целта е заштита на населението, особено на младите. Ќе бидат дозволени само електронски цигари со неутрален вкус и со вкус на тутун, додека сите благи и атрактивни вкусови ќе бидат забранети – истакна министерот.
Како што појасни, барањето електронските цигари да продолжат да се користат во затворени простории не било прифатено, бидејќи според здравствените проценки тие се штетни и претставуваат ризик сличен на традиционалното пушење.























