
По прогласувањето епидемија на Западнонилска треска во неколку скопски општини – Кисела Вода, Аеродром, Гази Баба, Бутел и Илинден – здравствените власти упатуваат препораки до граѓаните за заштита од заболувањето кое го пренесуваат комарци.
Досега на клиниките се хоспитализирани 29 лица, а едно лице починало. Станува збор за 83-годишен пациент кој имал и дополнителни заболувања. Според надлежните, нема место за паника, но потребно е граѓаните да преземат мерки за заштита.
Од Институтот за јавно здравје препорачуваат користење репелентни средства, односно спрејови против комарци, особено при престој на отворено.
Особено внимание се препорачува за земјоделците и лицата кои работат во области со густо зеленило, насади и други места каде што може да има поголема концентрација на комарци. Поради високите температури, се советува да се избегнува престој во вакви подрачја во раните утрински и вечерните часови, кога се вршат земјоделските активности, а доколку е неопходно присуството, да се користат репеленти.
Важна мерка е и отстранувањето на застоената вода, која претставува погодна средина за размножување на комарците. Граѓаните се повикуваат да ги отстранат садовите, предметите и сите површини во кои се задржува вода, како и редовно да ги проверуваат базените, фонтаните и другите водени површини.
Надлежните институции веќе преземаат мерки за намалување на бројот на комарци, вклучително и дополнителни прскања во Скопје, со посебен фокус на Драчево, каде што е регистриран поголем број случаи.
Од Општина Кисела Вода информираат дека се спроведува акција против ларвите на комарци, а за петок е најавен и третман против возрасни комарци, особено на подрачјето на Драчево.

















