
Според најновите прогностички материјали од Европски центар за среднорочна прогноза (ECMWF), од вторник, 21 април 2026 година, Македонија и поширокиот регион ќе бидат зафатени од продор на значително поладен воздух од север.
Овој метеоролошки бран ќе предизвика нагло опаѓање на температурите, и тоа за повеќе од 10 степени во споредба со сегашните вредности. Во текот на следната седмица температурите ќе бидат под просекот за месец април, носејќи изразено посвежо време.
Особено во вторник и среда (21 и 22 април), на повеќе места се очекуваат врнежи од дожд, додека поради заладувањето, на највисоките планински предели можно е да има и послаби врнежи од снег. Времето ќе биде проследено и со засилен северен ветер, кој повремено ќе достигнува поинтензивни удари.
Дневните температури во овие два дена на многу места нема да надминуваат 15 степени, а во поголем дел од земјата ќе се движат околу или малку над 10 степени. Во одредени региони, температурата може да остане под 10 степени и во текот на денот.























