
Граѓаните наскоро ќе можат личната карта и возачката дозвола да ги имаат во електронска форма на својот мобилен телефон. Новата државна апликација „м.Услуги“ веќе се тестира, а нејзината официјална промоција е најавена за октомври.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски информираше дека апликацијата е подготвена и дека во првата фаза ќе понуди електронска лична карта, електронска возачка дозвола и неколку услуги од јавната администрација.
Целта е „м.Услуги“ постепено да ги обедини електронските документи и услугите поврзани со државата на едно место, наместо граѓаните да користат повеќе различни апликации и системи.
Според Андоновски, користењето на апликацијата нема да биде задолжително. Оние кои нема да сакаат да ја користат ќе можат и понатаму да се идентификуваат со физичките документи. Преземањето и користењето на апликацијата ќе биде бесплатно.
Апликацијата е развиена во рамки на проект вреден 1,5 милиони евра, реализиран во соработка со надлежните институции од Полска и Украина и со поддршка од Европската Унија. Според министерот, проектот не е финансиран од државниот буџет.
„м.Услуги“, како што посочи Андоновски, е изработена од македонски инженери и претставува македонски производ кој останува во сопственост на државата.
Со воведувањето на електронските документи се отвора и прашањето за нивното прифаќање од страна на институциите. Андоновски вели дека сè уште постојат институции кои одбиваат електронски документи, иако имаат законска обврска да ги прифаќаат.
Тој најави засилен надзор од надлежниот инспекторат, како и примена на предвидените санкции за правните лица кои нема да ги почитуваат законските обврски.
Апликацијата нема да остане ограничена само на електронската лична карта и возачката дозвола. Планот е таа постепено да се надградува со нови услуги и функционалности.
Крајната цел е до 2028 година „м.Услуги“ да прерасне во дигитален паричник со поширока примена, со што Македонија би се вброила меѓу првите европски држави кои ќе располагаат со вакво решение.

















