УТРО.мк

Од 1 јули: Вработените во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ ќе имаат 300 нови паркинг места во „Лимак“

Од 1 јули: Вработените во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ ќе имаат 300 нови паркинг места во „Лимак“
Vero

Од 1 јули, дел од вработените во скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“ ќе можат да го користат паркингот на трговскиот и деловен комплекс „Лимак“, најави денеска министерот за здравство Азир Алиу.

Министерството за здравство потпиша меморандум со компанијата „Лимак“, со кој се обезбедуваат 300 паркинг места за вработените во здравствените установи на Клиничкиот центар. Паркингот ќе биде достапен 24 часа и се наоѓа на пет минути пешачење од болничкиот комплекс.

„Поставени ќе бидат табли кои ќе покажуваат кои спратови се наменети за вработените во здравството. Тие ќе плаќаат за паркингот таму, исто како што плаќаат и сега“, изјави Алиу, но додаде дека сè уште не е дефинирана методологијата како да се обврзат вработените да го користат токму овој паркинг.

Министерот најави дека ќе следува анализа која ќе ги вклучи и вработените и пациентите, со оглед на тоа што дневно на Клиниките циркулираат околу 6.000 пациенти, а таму работат над 2.500 лица. „Паркингот досега не е ни мапиран – не се знае каде точно треба да се паркираат возилата. Затоа правиме анализа: колку пациенти ги користат местата, колку вработени има, и како најдобро да се организира“, додаде тој.

Во рамките на новите планови, Алиу најави и поставување на интерактивни информативни табли во Клиничкиот центар, преку кои посетителите ќе можат во реално време да добиваат информации за слободните паркинг места и локациите на одредени институции или служби.

„Долгорочниот план за решавање на паркингот ќе биде дел од поширокото решение за самиот Клинички центар“, заклучи министерот.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран