Коалицијата Вреди соопшти дека наредната недела на владина седница ќе биде донесен Законот за правична и соодветна застапеност на Албанците и другите заедници во јавната администрација, што според партијата претставува „историска правда“ и исполнување на суштинска точка од Охридскиот рамковен договор.
Од Вреди истакнуваат дека со ова ќе заврши ерата на институционална дискриминација која траела три децении. „Ова не е политичка реторика, туку историска корекција. Албанците не се повеќе декор во оваа држава, тие се нејзино јадро“, порачаа од партијата.
Законот, како што информираат, се носи врз основа на Амандманот „VI“ од Уставот и ќе биде обврзувачки за сите институции кои ќе треба да обезбедат фер застапеност, почитувајќи компетентност, интегритет, транспарентност и инклузивност.
Од Вреди ја критикуваат ДУИ дека „го продала Охридскиот договор за фотелји и позиции“, додека тие со новиот закон враќаат достоинство и рамноправност на Албанците во сите институции. „Албанците отсекогаш заслужуваа да бидат во центарот на институциите, ние го спроведуваме тоа по закон“, порачаа од коалицијата.