УТРО.мк

Обвинителството со обдукциски наоди на денешното судење за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани

Обвинителството со обдукциски наоди на денешното судење за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани
Vero

Судскиот процес за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, во која животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, денеска продолжува во судницата во КПУ „Идризово“ со изведување на материјални докази предложени од Обвинителството.

По завршувањето на фазата со вербални докази, на ред доаѓаат најтешките и најсензитивни делови од доказниот материјал, судско-медицинските обдукциски наоди. Тие треба да дадат прецизен увид во причините за смртта на жртвите во пожарот, кој ја потресе јавноста и се смета за една од најголемите трагедии во поновата историја на земјата.

Обвинителскиот тим најави дека остануваат уште мал број сведоци за сослушување. Дел од нив не можеле да бидат испрашани поради психолошки состојби, додека еден сведок се наоѓа во странство. Доколку нивното присуство не може да се обезбеди, нивните претходно дадени искази ќе бидат прочитани во судницата.

По завршувањето на анализата на обдукциските извештаи, се очекува во постапката да биде вклучено и вешто лице кое ќе треба да одговори на дополнителни прашања и да ги разјасни можните нејаснотии што се појавиле во текот на процесот или во јавната дебата.

Од Обвинителството не предвидуваат колку рочишта ќе бидат потребни за изведување на целиот материјален доказен материјал, нагласувајќи дека динамиката ќе зависи и од одбраната, како и од текот на постапката. Сепак, судот останува надлежен да обезбеди ефикасност и економичност во водењето на процесот.

Прашањето за евентуално исклучување на јавноста од одделни делови на судењето ќе се разгледува поединечно, зависно од чувствителноста на доказите и начинот на нивно презентирање.

Судењето започна на 19 ноември минатата година и досега пред судот сведочеа родители на жртвите, преживеани посетители, гости на клубот, инспектори, претставници на институции и општина Кочани, како и членови на музичката група ДНК, кои настапувале кобната вечер.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран