
Истражните органи во Хрватска се приближуваат до изворот на масовните лажни дојави за бомби што во последните недели ја вознемирија јавноста и предизвикаа евакуации на училишта, градинки и здравствени установи. Според првичните наоди, дигиталната трага води до сервер сместен во една од балтичките земји, но вистинскиот сторител сè уште не е идентификуван.
Хрватското Министерство за внатрешни работи соопшти дека истрагата влегува во поинтензивна фаза и дека се зајакнува соработката со странски безбедносни служби. Во операцијата е вклучен и Интерпол, бидејќи се работи за шема што, според истражителите, ја преминува границата на една држава и користи меѓународна инфраструктура за анонимност.
Пораките, иако лажни, пристигнувале од странски IP-адреси, а истата методологија е забележана и во неодамнешни инциденти во Скопје, каде што три трговски центри беа цел на слични закани. Ова отвора сомнежи дека станува збор за координирана кампања или за поединци кои користат напредни алатки, вклучително и вештачка интелигенција, за автоматизирано испраќање закани.
Министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ потврди дека се добиени првични резултати од истрагата, но нагласи дека расветлувањето на целиот синџир, од серверот до вистинскиот испраќач,м останува сложена задача.
Во меѓувреме, поранешниот оперативец на хрватската разузнавачка служба СОА, Анте Летица, предупредува дека ваквите инциденти не смеат да се потценат. Иако се работи за лажни дојави, тој смета дека нивниот ефект врз општеството е длабоко дестабилизирачки. Според него, ваквите акции предизвикуваат масовна паника, ја таргетираат најранливата популација и создаваат сериозни економски трошоци.
Летица отвора и поширока дилема: дали станува збор за тестирање на реакцијата на безбедносните служби, за намерно исцрпување на институциите или за покомплексна операција чија вистинска цел допрва треба да се открие.























