
На Меѓународниот аеродром „Скопје“ од денеска е пуштен во употреба нов систем за безбедносна контрола, со што значително се забрзува проверката на патниците и се подобрува откривањето потенцијални закани.
Во модернизацијата се инвестирани речиси еден милион евра, а инсталирани се два нови уреди со компјутерска томографија за проверка на рачен багаж и две автоматизирани ленти за враќање на корпите од британската компанија „Smiths Detection“.
Со новата технологија, патниците повеќе нема да имаат потреба да ги вадат лаптопите, таблетите, мобилните телефони и течностите од рачниот багаж при безбедносната проверка, бидејќи тие ќе можат да останат во торбите.
Генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Неџат Курт, истакна дека новите системи ќе овозможат побрза безбедносна контрола, пократко време на чекање и поголема удобност за патниците.
„Со оваа технологија ќе може да се обработат до двојно повеќе патници на час по една линија, што е особено важно во периодите на зголемен сообраќај“, рече Курт.
Заменичката на министерот за транспорт, Калтрина Зеколи-Шаќири, оцени дека инвестицијата ќе придонесе и за поголема безбедност и за поефикасно опслужување на патниците. Таа посочи дека преку соработката со „ТАВ Македонија“ досега се реализирани инвестиции од околу 50 милиони евра во повеќе проекти, вклучително и модернизацијата и проширувањето на аеродромот во Охрид.
Според неа, во последните две години се воведени 28 нови авиолинии, а Владата планира дополнително субвенционирање за отворање нови дестинации.
Курт нагласи дека со воведувањето на оваа технологија, скопскиот аеродром се приклучува кон европските аеродроми како Франкфурт, Хитроу и Цирих, каде ваквите системи веќе се стандард, а истата технологија се користи и на голем број водечки аеродроми во САД, Израел и Индија.
Новите уреди се дел од поширок инвестициски циклус во безбедноста на аеродромот. Минатата година беа реализирани проекти вредни 1,93 милиони евра за нов систем за видеонадзор и современ систем за обука, тестирање и сертификација на безбедносниот персонал.
Според податоците на „ТАВ Македонија“, во периодот јануари–мај годинава двата македонски аеродроми опслужиле 1.580.932 патници, што претставува раст од 31,2 проценти во споредба со истиот период лани. Во истиот период биле реализирани 10.595 летови, односно 9,5 проценти повеќе од минатата година.

















