Националниот парк „Шар Планина“ денеска ја сподели најубавата можна вест, имаат принова во семејството на критично загрозениот Балкански рис.
Преку видео објава, тимот на паркот ја изрази својата огромна радост по откритието на една од нивните трап-камери. Снимката е доказ за раѓање на ново малечко рисче, кое е забележано во друштво на својата мајка.
„На една од нашите трап-камери забележавме мајка рис со малечко, и двете во одлична здравствена состојба. Со ова, бројката на документирани рисови на Шара се зголемува од 1 на 3 единки!“ – информираат од НП „Шар планина“.
Ова откритие е историски момент за националниот парк, потврдувајќи го присуството на Балканскиот рис како стабилен жител на планината. По минатогодишниот успех со првото снимање на мажјак во Лешница, сега е регистрирана и мајка со младенче на територијата на Општина Боговиње.
„Мајката ја именувавме Сибел“, со гордост порачаа од Националниот парк.
Во нивната фејсбук објава, од НП „Шар Планина“ споделија и неколку клучни факти кои го потврдуваат значењето на оваа принова.
Балканскиот рис е екстремно територијално животно, при што една единка може да заземе и над 40 километри квадратни. Затоа, секој ново-потврден рис е огромен чекор напред за видот. Исхраната на рисот се базира на срна, дива коза, зајак, еребица, ситни цицачи и други видови од шумскиот екосистем. Популациите на пленот на Шара стабилно растат, што директно ги подобрува условите за опстанок на рисот. На територијата на Националниот парк ловот е целосно забранет, што е клучна мерка за заштита и на рисот и на неговиот плен.
Оваа снимка ја потврдува важноста од континуираниот мониторинг и макотрпното вложување во заштитата на биодиверзитетот. Балканскиот рис е критично загрозен вид, а ваквите моменти враќаат надеж и докажуваат дека напорите на тимот носат резултати.



























