
Во Охрид денеска се одржа работна средба меѓу вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, и хрватскиот заменик-премиер и министер за поморски работи, транспорт и инфраструктура, Олег Бутковиќ, во рамки на официјалната посета на владината делегација од Хрватска.
Фокусот на разговорите беше ставен на унапредување на транспортните врски и продлабочување на регионалната соработка, со посебен акцент на железничкиот сектор и неговиот развоен потенцијал. Двете страни разменија мислења и за пошироките економски текови меѓу Македонија и Хрватска, оценувајќи дека постои простор за дополнително зајакнување на партнерството.
Николоски во разговорот изразил благодарност за поддршката што Хрватска ја укажала во справувањето со предизвиците на македонските превозници и професионални возачи. Посебно ги поздравил измените на хрватската регулатива за работни визи, нагласувајќи дека тие имаат значајно олеснувачко влијание врз работата на македонските транспортни компании.
Средбата завршила со заедничка оценка дека постојат силни основи за понатамошно проширување на соработката, не само во транспортот и инфраструктурата, туку и во поширокиот економски контекст меѓу двете земји.















