Државната изборна комисија (ДИК) усвои Правилник со кој независните кандидати за градоначалници или советнички листи ќе можат да се пријават со најмалку два потписи од избирачи. Одлуката следува откако Собранието не успеа да го измени Изборниот законик во делот за потписите.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, изјави дека лично смета оти кандидатурите треба да бидат без потписи, но го поддржал решението за да не се попречи изборниот процес. „Со Правилникот се бараат два потписи, што во суштина не менува ништо“, рече тој.
Членот Александар Даштевски објасни дека потписите се даваат во подрачните одделенија на ДИК, со важечки документи за лична идентификација, и тоа во рок од 15 дена по распишувањето на изборите.
Минатата година Собранието го зголеми прагот за независни листи на еден отсто од гласачкото тело, но Уставниот суд ги укина измените. Новиот предлог – прагот да биде 0,95 отсто – исто така не помина во Собранието.
Во меѓувреме, иницијативите „Зелен Хуман Град“ и „Независни заедно“ започнаа постапка за формирање политички партии.