
Повеќе од 300 килограми кокаин биле запленети во Германија во акција на која ѝ претходела размена на оперативни информации меѓу македонското Министерство за внатрешни работи и американската Агенција за борба против дрога (ДЕА), објави „Скопје1“, повикувајќи се на неофицијални извори запознаени со истрагата.
Според информациите на порталот, дрогата била скриена во товарен контејнер со банани што пристигнал од Еквадор на пристаниште во Холандија. Пратката потоа била транспортирана во Германија, каде што ја пресретнала германската полиција.
На заплената, според истите извори, ѝ претходела брза размена на информации меѓу Одделот за криминалистичка полиција при МВР и ДЕА. Добиените сознанија помогнале во постапувањето на германските служби, кои ја спровеле акцијата.
Неофицијалните информации укажуваат дека легалниот товар бил искористен како прикритие за транспорт на кокаинот од Јужна Америка преку повеќе европски држави.
Засега нема официјална потврда за точната количина на запленетата дрога, бројот на осомничени или приведени лица и крајната дестинација на пратката. Не е познато ниту дали во случајот се вклучени македонски државјани.
Дополнителни детали за операцијата и за улогата на македонската полиција се очекуваат од надлежните институции.























