
Министерството за внатрешни работи предупредува дека во последниот период се зголемени обидите за измама преку лажни СМС и iMessage пораки со наводни известувања за сообраќајни прекршоци и итни барања за плаќање казни. Станува збор за фишинг напади насочени кон прибирање лични и банкарски податоци.
Според МВР, измамниците испраќаат пораки преку СМС, електронска пошта, лажни веб-страници и социјални мрежи, при што лажно се претставуваат како „Оддел за моторни возила (MVR)“ или како системот „Безбеден град“. Во пораките се тврди дека е евидентиран прекршок и се нуди линк за онлајн уплата.
Како индикатори за измама се посочуваат неофицијални адреси на испраќачите, како и линкови што не водат до официјалните сервиси на МВР. Пораките често не содржат регистарска ознака на возилото и користат психолошки притисок со понуди за „попуст“ доколку казната се плати во краток рок.
Од МВР појаснуваат дека легитимните известувања за сообраќајни прекршоци се испраќаат исклучиво од испраќач со ознака „MVR-SC“, задолжително ја содржат регистарската табличка на возилото и упатуваат кон официјалниот систем на Министерството.
МВР апелира граѓаните да не отвораат сомнителни линкови, да не споделуваат лични и банкарски податоци, внимателно да го проверуваат испраќачот, да користат двофакторска автентикација и сите сомнителни пораки да ги пријават во МВР или во својата банка.



























