УТРО.мк

МНР ќе одлучува за дипломатски чекори по забраната за влез на адвокатот Менкиновски во Бугарија

МНР ќе одлучува за дипломатски чекори по забраната за влез на адвокатот Менкиновски во Бугарија
Vero

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски остро реагираше по информацијата дека бугарските власти донеле одлука за десетгодишна забрана за влез во Бугарија за адвокатот Тони Менкиновски, оценувајќи дека ваквиот потег отвора сериозни прашања за односот кон македонските граѓани.

Муцунски изјави дека во рамки на Министерството внимателно ќе се анализираат сите детали и околности поврзани со случајот, по што ќе се утврди каков дипломатски одговор ќе следи. Според него, првичните информации што ги имаат институциите предизвикуваат сериозна загриженост.

„Од институционален аспект, наша обврска е темелно да провериме какви информации стојат зад оваа одлука. Но, она што засега го гледам навистина ме изненадува и разочарува. Станува збор за постапка на земја членка на Европската Унија кон наш државјанин кој, според сите информации, ја вршел својата професионална должност, заштита на правата на македонските граѓани пред европските институции“, нагласи Муцунски.

Тој потсети дека Македонија и во минатото се соочувала со слични ситуации со соседни држави, но тие биле решавани преку дипломатски канали. Како што истакна, и во овој случај Министерството ќе ги разгледа сите можни механизми за реакција.

Министерот додаде дека е особено разочаран од ваквата постапка, нагласувајќи дека санкционирањето на адвокат кој ја извршува својата работа испраќа проблематична порака.

„Не сакам да верувам дека Европската Унија би поддржала вакви ретроградни чекори и практики. Нашата должност како институции е јасно да го изразиме ставот на државата, но и да најдеме начин да ги заштитиме правата на Менкиновски“, порача Муцунски.

Самиот Менкиновски, претходно соопшти дека властите во Софија му изрекле десетгодишна забрана за влез во Бугарија. Тој ја оцени мерката како скандалозна и политички мотивирана, тврдејќи дека претставува директен притисок врз неговата работа како адвокат.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран