Премиерот Христијан Мицкоски, во интервју за Македонската радио-телевизија, изјави дека суштинскиот проблем во односите со ЕУ не е промената на Уставот, туку обидот за редефинирање на македонскиот идентитет и јазик. Изјавата следува по случувањата во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ), каде што беше одбиен бугарскиот предлог-амандман во извештајот за Македонија.
„Можам да кажам дека не го доживувам ова како победа туку како разочарување. Зошто? Затоа што во 21-ви век во Европа бевме сведоци на обид за создавање на вештачка нација и идентитет, денес, бидејќи тој амандман којшто денеска беше предложен дефакто е обид да се создаде некоја нова ‘модерна’ македонска нација, или некој нов ‘модерен’ македонски јазик, што е само по себе преседан. Јас сум како човек и како Македонец разочаран, така што не го доживувам ова како успех, туку како нешто што за нас претставуваше пречка која што ја поминавме, но не е тоа доволно“, изјави Мицкоски.
Тој предупреди дека ваквите обиди не завршуваат тука и дека извештајот повторно може да биде нападнат со сличен амандман на пленарна седница меѓу 8 и 9 јули, иако истиот веќе бил поразен на ниво на комисија.
„Сега на пленарна седница, што е само по себе преседан. Но, за ова е само потврда дека онаа голгота што ја поминуваме 25 години откако почна нашиот пат, и 20 години како кандидат продолжува и дека сите оние во минатото кои мислеа дека ќе стават потпис на некоја национална отстапка и дека ги завршуваат сите грижи биле измамници кон граѓаните, не велам дека тие не биле измамени, можеби верувале дека ќе биде нешто испорачано, но тоа не ја намалува болката на граѓаните бидејќи тие ставиле потпис без да ги прашаат граѓаните и сега цената ја плаќаат граѓаните со тоа што денеска беа сведоци за создавање на нова ‘модерна’ нација и нов македонски ‘модерен’ јазик“, додаде Мицкоски.
Премиерот нагласи дека основниот проблем никогаш не била уставната реформа, туку суштинските прашања за националниот идентитет.
„Тоа потврдува дека не бил проблемот промената на Уставот, туку идентитетот, суштината на овој народ, јазикот. Нели беа бетон. Некако бетонов распука, и тоа го видовме сите во лулката на Европа видовме како распукува бетонот“, рече тој.
Според него, Македонија иако малубројна, располага со силен ментален склоп и јасна стратегија.
„Нашата стратегија беше да покажеме дека ние сме тие со вредности, чест и образ, ако сме малубројни. За жал, многу поголеми од нас денеска излегоа без чест и образ во срцето на Европа во Брисел, тие кои што имаат обид да го редефинираат нашиот македонски идентитет и да го редефинираат нашиот македонски јазик кодифициран пред 80 години, прифатен од ОН“, рече Мицкоски.
Тој истакна дека иако би било полесно Македонија да се повлече од преговорите и институциите, Владата нема намера да го стори тоа.
„Затоа што само одвнатре ако се борите може да ги направите потребните чекори. Ние нема да ги направиме оние чекори како од 2008 година после ветото во Букурешт… Не. Ќе бидеме антипод на тоа. Ние се бориме и ќе се бориме. Последните информации се дека на 8 или 9 јули дека ќе биде. Ќе се бориме и до тогаш. Не знам дали ќе успееме. Успеавме денеска. Успеавме во таа голема намера да покажеме дека не е промената на Уставот последна. Тоа е почеток на еден процес кој што нема да има крај. И ние ќе се бориме одвнатре. И знам дека за идните генерации ќе оставиме добра подлога. Барем јас додека ја предводам Владата, нема да се чуствува Македонија понижена“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.