По изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев во Тирана, во која рече дека не станува збор за вето или блокада од страна на Бугарија врз европските интеграции на Северна Македонија, туку за потребата од исполнување на обврските од преговарачката рамка која земјата веќе ја прифатила, премиерот Мицкоски порачува дека на 24 јуни Бугарите имаат шанса да го потврдат она што го зборуваат преку конкретни чекори.
„Нашите стари рекле помалку слушај што зборуваат, повеќе гледај што работат. Еве имаме таква можност да го покажат тоа што го зборуваат, на 24 јуни на Комисијата за надворешни работи при Европскиот парламент се наоѓа извештајот во кој што очекувам бугарските членови на Европскиот парламент да ги повлечат амандманите во кои бараат македонскиот многувековен идентитет и јазик да се додефинираат со зборчето сегашен или презент, и во рамките на европскиот дух да биде усвоен тој извештај, а потоа и патоказот на малцински права кој што многу скоро ќе биде на дневен ред. Ете имаат можност тоа што го зборуваат и на дело да го покажат“, рече Мицкоски при денешната посета на Битола.
Во духот на добрососедските односи, премиерот изрази надеж дека бугарската страна ќе прифати средба во рамките на претстојниот состанок во Хаг, каде што ќе се разговара и за проектот Коридор 8, со цел да се забрзаат активностите и тој инфраструктурен проект да стане приоритет.
Од друга страна, бугарскиот претседател Румен Радев вчера во Тирана изјави дека нема да дојде до значајни поместувања во однос на евроинтеграцијата на Северна Македонија доколку не се почитуваат условите од Преговарачката рамка.