УТРО.мк

Мицкоски: Македонија е подготвена за реформи, но не и за идентитетски компромиси

Мицкоски: Македонија е подготвена за реформи, но не и за идентитетски компромиси
Vero

На заедничката прес-конференција со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој престојува во посета на Македонија, премиерот Христијан Мицкоски порача дека евроинтеграцијата останува врвен државен приоритет, но без простор за нови отстапки во однос на националните прашања.

Тој нагласи дека државата нема да прифаќа, како што рече, дополнителни идентитетски условувања, без разлика на политичката цена што би можела да произлезе од таквиот став. Според него, доколку европскиот пат продолжи да се условува преку билатерални прашања, Владата ќе мора да бара поинаков пристап за заштита на државните интереси.

Мицкоски потсети дека македонскиот пат кон Европската Унија трае повеќе од две децении, почнувајќи со Договорот за стабилизација и асоцијација, и истакна дека земјата паралелно со Хрватска го добила кандидатскиот статус, како и првите позитивни оценки од Европската комисија во 2009 година за отворање преговори.

Сепак, според него, процесот со текот на годините се оддалечил од суштинските критериуми за членство и сè повеќе се претворал во билатерално условување, што го забавило напредокот и создало разочарување кај граѓаните.

Во однос на актуелните обврски, премиерот посочи дека Владата останува фокусирана на домашни реформи и исполнување на агендата поврзана со Планот за раст. Тој истакна дека во последниот извештај на Европската комисија земјата е оценета како лидер во регионот, особено во делот на реформската динамика, што отвора можност за пристап до значајни европски средства.

Како што додаде, акцискиот план за правата на заедниците е веќе изработен во соработка со европски експерти и е подготвен за имплементација. Владата, рече тој, не сака да остане само на политички изјави, туку да испорачува конкретни резултати.

И покрај предизвиците и, како што ги нарече, билатералните пречки кои доаѓаат од поединечни земји членки, Мицкоски порача дека земјата не се откажува од европската перспектива и продолжува со реформскиот процес, уверувајќи дека целта за членство во ЕУ останува непроменета.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран