
Денешната средба меѓу делегациите на Македонија и Хрватска претставува значаен чекор во зајакнувањето на билатералните односи меѓу двете држави, истакна премиерот Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.
Тој нагласи дека не станува збор само за класична дипломатска посета, туку за потврда на долгогодишното пријателство и партнерство изградено врз заемна почит, разбирање и поддршка. Хрватска, како што посочи, е близок партнер и сојузник во рамки на НАТО, со која Македонија дели заеднички интереси, регионални предизвици и визија за стабилен, безбеден и европски ориентиран Западен Балкан.
Посебен акцент беше ставен на потпишувањето на Договорот за стратешка соработка меѓу двете влади, кој, според Мицкоски, претставува повеќе од формален дипломатски документ. Тој, како што рече, поставува основа за долгорочно партнерство и јасна политичка определба за продлабочување на соработката во области од клучно значење за развојот на двете земји.
Стратешката соработка ќе се темели на заемно почитување, целосно уважување на суверенитетот, меѓународното право и заедничките интереси на граѓаните. Во рамки на договорот се предвидува унапредување на соработката во повеќе сектори, меѓу кои транспорт, енергетика, информатички технологии, индустрија и производство, здравство, образование, јавна безбедност, цивилна заштита, одбрана, сајбер безбедност и управување со границите.
Како особено важен сегмент беше истакната и поврзаноста меѓу институциите, компаниите, инвеститорите, академската заедница, граѓанскиот сектор и експертските заедници од двете држави, со цел продлабочување на практичната соработка и размена на искуства.
На средбата била отворена и темата за европската интеграција на Македонија. Мицкоски ја оцени Хрватска како успешен пример на земја која го поминала патот од кандидат за членство до полноправна членка на Европската Унија, нагласувајќи дека тоа искуство е од особена важност.
Тој додаде дека европската интеграција за Македонија не претставува само надворешнополитичка цел, туку процес на институционално зајакнување, владеење на правото, економски развој и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Во таа насока, беше изразена благодарност за континуираната поддршка што Хрватска ја дава на европската перспектива на земјата.















