УТРО.мк

Мицкоски: Чебрен и Галиште ќе ја зајакнат стратешката позиција на државата и енергетската независност

Мицкоски: Чебрен и Галиште ќе ја зајакнат стратешката позиција на државата и енергетската независност
Vero

Премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања истакна дека проектот Чебрен и Галиште ќе има стратешко значење за државата, не само во делот на производство на електрична енергија, туку и за водните ресурси, наводнувањето и туризмот.

Тој нагласи дека со реализацијата на овој проект Македонија ќе ја зајакне својата позиција, особено имајќи ги предвид климатските промени и зголемената потреба од вода и енергија.

Според Мицкоски, во април годинава производството на електрична енергија покрило 88,8 отсто од домашната потрошувачка, што, како што рече, укажува на приближување кон целосна енергетска самодоволност. Владината цел, додаде тој, е во рамки на мандатот земјата да стане нето извозник на електрична енергија.

Тој посочи и дека состојбата во ЕЛЕМ е значително подобрена, од ниски нивоа на акумулации и финансиски загуби, до стабилизација и зголемување на резервите на околу 80 проценти, и тоа во период на зголемена потрошувачка за наводнување.

Мицкоски се осврна и на енергетската инфраструктура, наведувајќи дека се работи на повеќе интерконектори и гасоводни проекти со Грција, Србија, Косово и Албанија, со цел Македонија да стане регионален енергетски центар.

Во однос на Чебрен и Галиште, премиерот истакна дека се разгледуваат два модели за реализација – кредитирање преку меѓународни финансиски институции или јавно-приватно партнерство, при што лично смета дека првата опција треба да се исцрпи до крај.

Тој додаде дека проектот е повеќенаменски и ќе овозможи зголемени водни резерви, развој на наводнувањето во Тиквешијата, како и туристички потенцијал за регионот Мариово.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin