УТРО.мк

Министерството за здравство бара истражување на документите за испраќањето македонски мозочни ткива во САД

Министерството за здравство бара истражување на документите за испраќањето македонски мозочни ткива во САД
Vero

Министерот за здравство, Азир Алиу, побара детална анализа на податоците во врска со испраќањето на ткива од мозоци на македонски пациенти на американскиот Универзитет „Колумбија“ за научни цели. Алиу појасни дека Министерството не е надлежно за истражувањето, бидејќи станува збор за проект кој започнал уште во 1996 година и се спроведувал во рамките на меѓународна соработка помеѓу институции.

„За секој проект постои меморандум потпишан од двете страни – најверојатно помеѓу универзитетите, МАНУ или Институтот. Ние не управуваме со ниту една од овие институции. Надлежно е Министерството за образование и наука. Нашата улога е да даваме лиценци за увоз и извоз на биолошки материјал, и токму во тој контекст го разгледуваме случајот“, изјави Алиу.

Тој истакна дека работната група во моментов ја проверува усогласеноста на процедурите со законите кои важеле пред три децении. „Тогаш имало сосема различни протоколи, а МАЛМЕД не постоел како самостојна институција, туку бил дел од Министерството за здравство“, додаде Алиу.

Министерот нагласи дека засега нема сигнали за злоупотреби. „Како човек, не како министер, лично мислам дека можностите за злоупотреби се многу мали. Станува збор за истражувачки проект помеѓу две земји, а САД имаат многу строги протоколи за работа со биолошки материјал. Исто така, материјалот бил во рацете на престижен универзитет и светски познат научник, што дополнително ја намалува можноста за проблеми“, рече Алиу.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран