УТРО.мк

Меџити: За помалку од два месеци затворивме 226 нелегални страници за онлајн коцкање – ова е удар врз казино мафијата

Меџити: За помалку од два месеци затворивме 226 нелегални страници за онлајн коцкање – ова е удар врз казино мафијата
Vero

СКОПЈЕ – Вицепремиерот и еден од политичките лидери на коалицијата „Вреди“, Изет Меџити, денеска на прес-конференција соопшти дека Владата затворила вкупно 226 интернет страници за нелегално онлајн коцкање, исполнувајќи едно од главните ветувања дадени пред граѓаните.

„Замислете за помалку од два месеци затворивме 226 страници за нелегалното онлајн коцкање и оваа бројка не е конечна. Ова е директен удар врз една криминална мрежа која со години беше заштитена од структури блиски до претходната власт“, рече Меџити.

Тој обвини дека една политичка партија, директно вмешана во коцкарската индустрија, ја поддржувала оваа мрежа и овозможувала нејзино ширење, особено во албанските средини.

Според него, како резултат на ваквото дејствување, населбите биле преплавени со казина, а дигиталните уреди на граѓаните биле преполни со нелегални платформи. „Тоа што ДУИ му го направи на албанското општество е катастрофа и за тоа ќе има одговорност“, додаде тој.

Меџити истакна дека Владата за само една година успеала да го намали влијанието на игрите на среќа за 40 проценти. „До вчера ДУИ градеше коцкарски империи врз сиромаштијата и очајот на Албанците. Денес Вреди ги урива тие империи и ја гради иднината“, изјави Меџити.

Тој упати апел до граѓаните, особено младите, да не стануваат жртви на измамнички платформи и да повлечат средства од нелегалните сајтови. Повикувајќи на дигитална и морална будност, рече дека Владата работи на нов, многу поригорозен закон за игри на среќа кој ќе биде за 50 до 70 отсто поостар од актуелниот.

„Ние не сме сојузници на коцкањето, туку заштитници на семејствата. Казината не се развој, туку уништување. Времето на казино мафијата заврши“, заклучи Меџити.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран