Министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, денеска на прес-конференција рече дека фирмата во која настана пожар во Трубарево имала важечка дозвола за рециклирање на отпад, и дека се мери загаденоста на воздухот, а исто така ќе се земат и мостри од почва за да се утврди дали има и колкаво е загадувањето.
„Објектот во Трубарево поседува важечка дозвола за управување со отпад во 2021 година, со важност до 2031 година. Со целосна транспаретност веднаш ангажиравме акредитирани лабаратории за мерење на квалитетот на воздухот, како од државниот инспекторат, така и од надворешни специјализирани тела. Државниот инспекторат за животна средина во 13:30 часот се упати на лице место на објект кој го користи „Ф“ групација во Трубарево. Беа извршени мерења од акредитирана лабораторија за животна средина „Еуромак контрол“ Скопје, и поставен е 24 часовен мерач за мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух. На теренот беше и посебна единица на АРМ и извршија радиобиолошко и хемиско мерење. Ќе се извршат дополнителни мерења во следните пет дена. Денеска е почнат инспекциски надзор во кој ќе бидат одземени сите документи. По завршување на надзорот ќе бидат преземени сите мерки, ќе се земат и мостри од почва за да се утврди колкаво е загадувањето. Ќе бидеме транспаранетни до крај. Ова е трет пожар во депонија во Скопје за краток период. Олчекуваме причинителите да бидат јавно објавени и казнети“, изјави Меџити.