
Граѓаните од денес добиваат уште една конкретна олеснителна мерка во секојдневното функционирање со институциите: изводите од матичните книги и потврдата за слободна брачна состојба повеќе не бараат ниту чекање, ниту одење на шалтер. Сè се завршува онлајн.
Управата за водење матични книги целосно ги префрли своите услуги на националниот портал uslugi.gov.mk, со што изводите од матичната книга на родени, венчани и умрени, како и потврдата за слободна брачна состојба, стануваат целосно дигитални и достапни со неколку клика.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, порача дека ова е уште еден чекор кон побрза, поефикасна и потранспарентна администрација. Според него, дигитализацијата не само што им заштедува време на граѓаните, туку овозможува и подобар надзор врз работата и динамиката на издавање на документите од страна на надлежните институции.
Новите дигитални решенија беа промовирани денес заедно со директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, при што беа претставени уште четири електронски услуги што се однесуваат на здравственото осигурување.
За првпат, правните лица добиваат можност целосно електронски да поднесат барање и да добијат потврда за платен придонес за задолжително здравствено осигурување – услуга која е достапна во секое време, без административни бариери.



























