
Во текот на археолошките истражувања што се спроведуваат долж трасата на интерконективниот гасовод Македонија – Грција, археолозите открија остатоци од шест римски и доцноантички вили во регионот на Гевгелија.
Откритијата се регистрирани на јужниот дел од трасата, од граничниот премин со Грција до 38-от километар, каде што пред почетокот на градежните работи беше извршена задолжителна археолошка проверка на теренот.
Истражувањата ги реализираше стручен тим од НУ Завод и Музеј – Струмица, во соработка со Музејот во Гевгелија. Според археолозите, пронајдените објекти најверојатно биле луксузни вили што им припаѓале на побогати жители од римскиот период. Покрај архитектонските остатоци, откриен е и богат археолошки материјал, кој ќе биде предмет на конзервација и дополнителни научни анализи.
Наодите од локалитетите во близина на Бистерна, Коњари и Врла Страна сведочат дека овој дел од Македонија во антиката бил густо населен и имал развиени земјоделски имоти, населби и резиденцијални комплекси.
Иако станува збор за значајни археолошки откритија, тие нема да ја попречат изградбата на гасоводот, бидејќи се наоѓаат надвор од директната траса. Градежните активности ќе продолжат, но под постојан археолошки надзор.
Интерконективниот гасовод Македонија – Грција, со должина од 66,7 километри на македонска територија, треба да обезбеди нова и посигурна рута за снабдување со природен гас преку грчкиот гасен систем.

















