
Во жалба упатена до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, Централниот совет на Македонците во Германија со седиште во Берлин отвора прашања за, како што тврди, несоодветна примена на принципите на Европската Унија во процесот на проширување кон Македонија.
Организацијата, која ги претставува дел од Македонците во германската дијаспора, смета дека во рамките на преговарачката рамка се појавуваат условувања кои излегуваат надвор од класичните политички и технички критериуми за членство, навлегувајќи во чувствителни области поврзани со јазикот и културниот идентитет.
Во својата реакција, Советот предупредува дека вмешувањето на билатерални спорови во процесот на проширување може да создаде нерамнотежа во пристапниот дијалог и да отвори прашање за тоа каде завршуваат политичките услови, а каде започнуваат темелните права и идентитетските прашања на една држава.
Посебна грижа, според нивните ставови, предизвикува можноста ваквите пристапи да станат пракса во иднина, со што би се создал преседан во кој една земја членка би можела да влијае врз идентитетските карактеристики на земја кандидат преку преговарачкиот процес.
Во жалбата се повикува и на европската правна рамка, при што се нагласува дека основните принципи на Унијата, вклучително и забраната за дискриминација по етничка и јазична основа, мора да останат недопрени од политичките преговори. Се наведува и дека досегашната судска пракса на Европскиот суд за човекови права во дел од случаите поврзани со организациски права не е целосно имплементирана во одредени контексти.
Дополнително, документот се осврнува и на можните последици за македонската дијаспора во Европа. Според нив, постои ризик од компликации во признавањето на образовни и професионални квалификации, што би можело да ги засегне наставниците, преведувачите и студентите кои живеат и работат во земјите од ЕУ.
Во поширок политички контекст се потсетува дека Македонија во изминатите години прифатила серија крупни државни и уставни измени во рамки на евроинтегративниот процес, што дополнително го отвора прашањето за границите на идните компромиси.
Централната порака на жалбата, како што се наведува, е повик до европските институции да утврдат дали во процесот на проширување се почитуваат основните вредности врз кои се темели Унијата, или тие постепено се потиснуваат од политичките условувања меѓу државите.
















