УТРО.мк

Македонија полна со грчки возачи: Масовно доаѓаат по поевтио гориво

Македонија полна со грчки возачи: Масовно доаѓаат по поевтио гориво
Vero

Сè поголем број грчки граѓани патуваат во соседните држави Македонија и Бугарија за да наполнат гориво по пониски цени, додека во Грција расте незадоволството поради високите цени на бензинот.

Грчката Комунистичка партија (ККЕ) ја обвини Владата дека со актуелната енергетска политика ги принудува граѓаните да патуваат во соседните земји за да заштедат при купувањето гориво.

Грчките медиуми известуваат за зголемен број возачи на граничните премини со Македонија и Бугарија. Според нив, дел од граѓаните прават поголеми набавки во соседството, бидејќи разликите во цените им овозможуваат значителни заштеди.

Сопственици на бензински станици во Грција посочуваат дека околу 56 проценти од крајната цена на литар бензин отпаѓаат на даноци и акцизи.

Според изјави на возачи, при полнење цел резервоар со безоловен бензин во Бугарија може да се заштедат околу 35 евра, додека значителни разлики во цените има и во Македонија.

Во Грција цената на безоловниот бензин се движи околу 2,20 евра за литар, а во делови од земјата, особено во внатрешноста и на островите, цената достигнува и околу 2,50 евра.

Покрај горивото, жителите на пограничните области, особено од Серес, велат дека во Бугарија купуваат и прехранбени производи по пониски цени, а дел од нив набавуваат и огревно дрво.

Во меѓувреме, ПАСОК побара привремено целосно укинување на даноците на горивата, додека опозициските партии бараат мерки за намалување на товарот врз граѓаните.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран