
Македонија се најде на 82. место на најновата светска листа за среќа, покажува извештајот изработен од Центарот за истражување на благосостојба при Универзитетот Оксфорд, во соработка со Галуп и Обединетите нации.
Истражувањето е базирано на анкети со околу 100.000 испитаници од 140 земји, а според резултатите, земјава се наоѓа зад Венецуела и Либија, но пред Алжир, Бугарија, Грција и Албанија.
Она што особено загрижува е трендот кај младите. Извештајот покажува значителен пад на задоволството од животот кај лицата под 25 години, при што како една од главните причини се посочува прекумерната употреба на социјалните мрежи.
Според анализата, користењето на социјални мрежи повеќе од седум часа дневно има директно негативно влијание врз менталната состојба и благосостојбата, додека умерената употреба – помалку од еден час дневно – е поврзана со повисоко ниво на среќа.
Дополнително, дел од младите, особено студентите во САД, изјавиле дека би било подобро социјалните мрежи воопшто да не постојат, но сепак ги користат поради притисокот од околината и навиките.
Иако извештајот не прави детална анализа по земји за сите фактори, позицијата на Македонија укажува дека предизвиците поврзани со квалитетот на животот и менталното здравје, особено кај младата популација, остануваат сериозен проблем и во домашен контекст.























