
М-таговите за електронска наплата на патарините во земјава од сега ќе станат значително подостапни за граѓаните, откако нивната продажба ќе се прошири и преку мрежите на А1 Македонија и Македонски Телеком.
Наместо досегашната ограничена понуда на неколку продажни точки, граѓаните ќе можат да ги набавуваат уредите преку мобилните оператори, со можност за плаќање на рати. Според најавите, М-таг уредот ќе чини 49 денари месечно во период од 24 месеци, а корисниците ќе имаат флексибилни опции за начинот на наплата, директно од банкарска картичка или преку сметката за мобилни услуги.
Процесот ќе се одвива преку онлајн регистрација на платформите на операторите, каде секој корисник ќе може да избере дали уредот ќе биде поврзан со дебитна или кредитна картичка, или пак трошоците за користење на патарините ќе се префрлаат на месечната телефонска сметка.
Од Јавното претпријатие за државни патишта посочуваат дека главната цел на оваа промена е да се забрза протокот на возила и да се намали метежот на наплатните станици. Според нив, моменталната состојба сè уште се карактеризира со високо учество на готовинско плаќање, што создава застои, особено кога системите се комбинираат со М-кард и недоволно средства на сметки.
Директорот Коце Трајановски истакна дека со вклучувањето на двата најголеми оператори, кои располагаат со широка продажна и сервисна мрежа, М-таговите конечно ќе станат полесно достапни за многу поголем број корисници. Тој додаде дека досега околу 36 проценти од наплатата се врши преку М-таг системот, но очекува тој процент значително да расте.
Паралелно со ова, институциите размислуваат и за поширока реформа на системот за патарини, вклучително и воведување модел сличен на оној во Србија, каде наплатата се врши според изминати километри во затворен систем. За таа цел веќе се подготвува студија, особено за примената на ваков модел на Коридорот 8.
И покрај можните промени во системот, засега останува ставот дека цените на патарините нема да се менуваат. Наместо тоа, фокусот е ставен на модернизација и зголемување на ефикасноста на постојната инфраструктура.
















