
Утре во Собранието ќе се одржи клучното гласање за избор на нов државен јавен обвинител. На дневен ред е номинацијата на Ненад Савески, кој моментално суди во Основниот кривичен суд – Скопје. За да ја добие оваа престижна функција, Савески ќе треба да обезбеди поддршка од најмалку 61 пратеник.
Савески беше предложен од Владата на 10 март, по оставката на поранешниот државен обвинител Љупчо Коцевски. Во конкурсот учествуваа пет кандидати, меѓу кои и сегашната вршителка на должноста државен јавен обвинител, Анита Тополова-Исајловска, како и обвинителките Ленче Ристовска и Лидија Раичевиќ, и поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски. Советот на јавните обвинители претходно им даде позитивно мислење на четворица кандидати: Савески, Тополова-Исајловска, Ристовска и Раичевиќ, додека за Панчевски едногласно утврди дека не ги исполнува законските услови за работен стаж.
Ненад Савески е роден во 1976 година во Гостивар, оженет и татко на тројца деца. Студиите ги завршил на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ – Скопје, каде што магистрирал по казнено право, а правосудниот испит го положил во 2003 година. Професионалниот пат го започнал како судски приправник во Основниот суд во Гостивар, а од 2004 до 2009 година бил стручен соработник, потоа јавен обвинител од 2009 до 2016 година. Од 2016 година е судија во Основниот кривичен суд – Скопје, во одделот за организиран криминал и корупција.
Неговото искуство не е ограничено само на националниот правосуден систем. Савески бил експерт во проекти на ОБСЕ, Советот на Европа, УСАИД и Националната конвенција за ЕУ (Поглавје 23), учествувал во работни групи за судски и законски реформи, како и во проекти за посебни истражни мерки и кривична постапка. Академски се ангажира како предавач во Академијата за судии и јавни обвинители, национален тутор во програмата HELP на Советот на Европа и обучувач по човекови права и кривично право. Автор е на бројни трудови, публикации и водичи за кривично право, слобода на изразување, клевета, конфискација на имот и право на приватност.
Тој владее македонски, англиски, германски, српски и основен албански јазик.























