Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, изјави дека ќе ја почитува секоја одлука на премиерот Христијан Мицкоски доколку се случи реконструкција на Владата и таа биде сменета од ресорот што го предводи.
На новинарско прашање дали евентуално ќе остане во ресорот образование и наука или ќе биде преместена на друг ресор, Јаневска одговори дека „одлуката за сите предлози за членови во Владата ја носи премиерот заедно со партиските органи“.
Таа додаде: „На ова прашање веќе неколку пати сум одговарала и ќе повторам. Земјава има премиер кој го носи на својот грб најголемиот товар за позитивните промени кои се случуваат и допрва треба да се случат во Македонија. Оттука, полно негово право е, заедно со органите на партијата, да одлучува кого ќе предложи како влада или кого ќе предложи како министер пред Парламентот. Секоја негова одлука апсолутно ќе ја испочитувам“, рече Јаневска пред отворањето на конференцијата „Науката како патоказ во време на промени“.























