Државната изборна комисија (ДИК) утрово ги објави конечните резултати од локалните избори во општините каде што не беа поднесени приговори во законскиот рок. Со тоа, Орце Ѓорѓиевски и уште 32 кандидати избрани во вториот круг станаа официјални градоначалници.
Новите градоначалници во наредните денови ќе ги добијат уверенијата од ДИК и ќе можат да започнат со примопредавање на функциите.
Попладнево, во 14 часот, ДИК ќе одржи седница на која ќе ги разгледа вкупно 16 поднесени приговори за изборниот процес во три општини.
Приговори поднеле:
кандидатот за Брвеница, Хаќим Рамадани, кој тврди дека имало пропусти на осум избирачки места;
ВМРО-ДПМНЕ, за резултатите во Шуто Оризари на десет избирачки места;
Сојузот на Ромите, со три приговори во истата општина;
и Стевчо Јакимовски, кој оспорува резултати во две избирачки места во Карпош.
Дополнително, поднесени се и три приговори поврзани со повтореното гласање за советнички листи во Шуто Оризари.
Во четири општини сè уште нема избрани градоначалници, па таму ќе се организира ново гласање до крајот на годинава или на почетокот на наредната.























