Македонската сателитска телевизија ИНТВ од Австралија најави бесплатни ТВ-рисивери за Македонците во Бугарија, како контра-акција на шпекулациите дека бугарски организации доделуваат рисивери во Македонија за гледање бугарски програми.
„Деновиве на социјалните мрежи се појавија информации за бесплатни ресивери во Македонија, со цел заведување на Македонците. Контра на оваа кампања, ИНТВ ќе дели бесплатни рисивери за сите Македонци во Бугарија кои се чувствуваат Македонци,“ соопшти телевизијата.
Рисиверите ќе се доделуваат преку македонски здруженија во Бугарија, а кампањата ќе биде поддржана и од нашинците во Австралија. Во октомври и ноември ќе се собираат средства и во дијаспората, со цел масовна поддршка.
„Македонската песна, култура и традиција – секогаш со вас! Со оваа акција ИНТВ потврдува дека останува на браникот на македонскиот идентитет, јазик, песна и култура, каде и да живее Македонецот,“ додаваат од телевизијата.